| Сфинктер |
| 1 | Можеби сè почна кога бев избран за претседател. Со психијатарот се враќам во минатото и ми се чини дека речиси во сите важни мигови се гледам себеси неконтролирано посран. Кога ќе се сетам на полагањето на заклетвата, гомното е тука. Мојата сопруга се пораѓа, посран сум пред влезот во болницата. Се раѓа второто дете, во гаќите имам неред. Се сеќавам на денот кога во основното училиште секогаш сум избиран за последен во фудбалските тимови, а топлата топка веќе е во шорцот. |
| 2 | Психијатарот претпоставува дека хистеричниот сфинктер се појави подоцна. Тоа веќе со години се обидуваме да го утврдиме. Добро се сеќавам на некои од најважните јавни, како што ги нарекуваме на сеансите. Првото беше на комеморацијата на партискиот колега. Најголемото меѓународно јавно беше во Њујорк. Не дека некои претседатели не се посрамотиле на отворањето на њујоршката берза, но само јас се посрав. |
| 3 | Во поголемиот број од јавните случаи тоа успеав да го сокријам. Секретарката ми помага. Ако понекогаш некој се запраша што тоа засмрдува на приемот или на коктелот, секогаш имаме подготвена чиста облека. За мојата долго време чувана тајна е заслужна секретарката, но политичкиот успех им го должам на Африканците. Ниту во најлудите сништа полни со гомна што прскаат од сите дупки околу мене, не би можел да замислам дека во кариерата ќе ми помогнат оние што отсекогаш сум ги мразел. |
| 4 | Растев во главниот град на Црна Гора на крајот од XX век, без црнци на улица. Потоа дојдоа Африканците. За да стигнат до подобар живот во западна Европа мораа да поминат низ нашата земја. За азилантите е направен камп во Подгорица, на Коник, кварт познат по камповите за бегалци од Косово. Африканците беа најодвратни. Белците не ги сакаа. Уште помалку од белците ги сакаа Циганите и бегалците. Црнци имаше сè повеќе. |
| 5 | Таксистите одбиваа да ги возат, луѓето ги обвинуваа за грабежи. Булеварот помеѓу кампот и центарот на градот беше нивната омилена патека. Тука одеа, понекогаш боси, до другиот брег на реката. Најголем број црнци во Подгорица е забележан кога станав претседател. Сите се прашуваа што планирам да направам, но немав одговор. Размислував на сфинктерот. Африканците полека стануваа најголема пречка. Еден црнец го претепала група момчиња, го соблекла гол и се обидела да го запали. |
| 6 | Полицаецот дошол навреме и го уапсил азилантот. Сето тоа се случи во првата година од мојот мандат. Советниците, вклучувајќи ја и секретарката, ми зборуваа дека мојата политичка сила ќе се мери со решителноста да се изборам со црнците. Јас, сепак, и понатаму се борев со сфинктерот. Со психијатарот во понеделник се враќав во детството. Со затворени очи, спружен на фотелјата, во сеќавањата ги пушев цигарите на татко ми. |
| 7 | На една сеанса се видов себеси посран по прв пат. Поминував покрај Клубот на возачи, при враќањето од музичкото училиште, кога почувствував дека нема да издржам до дома. Го сторив тоа додека поминував покрај тениските терени. Го држев гомното со рацете низ фармерките за да не се лизне низ ногавицата. Беше како мека тениска топка. Со врелата топка во раката одев до зградата. Ова сеќавање психијатарот го оцени како корисно. |
| 8 | Работата со него ми годеше, но немаше премногу време за сеанси. Проблемот со Африканците нè мачеше и понатаму, забелешките на советниците се трупаа на масата. А потоа еден топол викенд, додека со семејството се одморав на планина, го смисливме првото решение. Советниците ми јавија дека цела ноќ меѓу петок и сабота траеле пукотниците во камповите на Коник. Потрчав во тоалетот. Знаев дека таквата вест ќе ги придвижи цревата, а јас нема да имам време да ги запрам. |
| 9 | Овој пат бев подготвен. Семејството не ме виде посран на подот. Ми рекоа дека пукотниците биле жестоки и дека немало ранети. Прашав како се случило тоа. Ми рекоа дека група бегалци од Косово пукале на неколку цигански куќи. Прашав каде биле Африканците. Одговорија дека црнците не се вмешани. Тој дел не ми беше јасен. Советниците продолжија да опишуваат како групата бегалци пукала во циганските куќи со калашникови. |
| 10 | Од тоа се лизна уште едно гомно, не ги ни закачи ѕидовите на сфинктерот. Прашав од каде пушка кај бегалците, а потоа одговорот ми се јави неочекувано, со уште едно празнење на олеснување. Им ја продале црнците, реков пред да стигнат да одговорат. Знаевме дека тоа е невозможно. Но, ние можеме да го направиме можно. Мојот план им беше јасен. Тогаш направете го, наредив и ја прекинав врската. Се избришав и мирен излегов од тоалетот. |
| … |
Комментарии